(видео) „Delirium tremens“ гостува во Драмски театар – Скопје
„Delirium tremens“, во продукција на Театарската работилница од Прилеп, повеќе од една деценија е присутна на македонската театарска сцена. Со својот специфичен израз, кој започнува како комедија, а постепено преминува во делириум, претставата одамна го надмина статусот на обичен театарски наслов и прерасна во симбол на истрајност и театарски пркос.
Гостувањето во Драмски театар – Скопје на 15 јануари 2026 година има особена тежина. По затворањето на театарската зграда во Прилеп во март 2025 година, „Delirium tremens“ дава дополнителна искра во пркосот на прилепската театарска сцена, со јасна порака дека театарот нема да згасне со затворањето на една зграда. Јануари 2026 година, сè уште не постои јасно и видливо решение каде и како ќе функционира прилепскиот театар.
„Delirium tremens“ е структуриран како театар во театар, каде смеата, алкохолот и љубовта ја бришат границата меѓу сцената и публиката. Публиката од позиција на набљудувач се вовлекува во игра што со текот на времето станува сè поинтензивна и поопасна, отворајќи прашања за односот меѓу фикцијата и реалноста, редот и хаосот, контролата и распадот.
Ова гостување не е само уште една театарска вечер, туку потсетник дека театарот продолжува преку луѓето, преку сцената што се создава одново и одново и преку претстави кои одбиваат да замолчат. Но тоа не значи дека театарот може и смее да опстојува само на ваков начин. Напротив, ова е силен аларм дека на Прилеп му е неопходна театарска зграда и дека институционално решение мора да се најде што е можно побрзо.
Претставата ќе се одигра на 15 јануари со почеток во 20 часот во Драмски театар – Скопје. Билетите се по цена од 500 денари и може да се купат онлајн преку dramski.mk/bileti. Дополнителни информации се достапни на dramski.mk или преку билетарницата на телефонскиот број 076 43 43 43.



