УКЛО Битола, прв македонски универзитет на Times Higher Education (THE) Impact Rankings 2025

Со особена гордост, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола објави дека и оваа година е дел од престижната ранг-листа Times Higher Education (THE) Impact Rankings 2025, потврдувајќи го својот растечки углед и влијание на меѓународната академска сцена.

Минатата година, УКЛО влезе во историјата како прв македонски универзитет што се најде на оваа глобална ранг-листа, а годинава му се приклучија уште два универзитета од земјава, што претставува важен чекор за македонското високо образование во целина.

Значајни резултати во клучни области

УКЛО беше евалуиран во пет од вкупно 17 Цели за одржлив развој (SDGs) на Обединетите нации. Особено внимание привлекуваат постигнувањата во следниве три области:

  • Цел 8: Достоинствена работа и економски раст
    УКЛО е рангиран меѓу 601–800 место од вкупно 1350 институции ширум светот.
  • Цел 16: Мир, правда и силни институции
    Универзитетот се наоѓа во групата 401–600 од 1265 институции.
  • Цел 17: Партнерство за целите
    УКЛО е рангиран во групата 1001–1500 од вкупно 2389 светски институции.

Овие резултати се добиени преку строг и конкурентен процес на евалуација, што дополнително ја нагласува вредноста на овој успех.

Конференции и научен придонес

Голем придонес за ова глобално признание има и Годишната меѓународна научна конференција на УКЛО, која се одржува на тема „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“. Овој научен собир, отворен за широк спектар на истражувачи, го позиционира УКЛО како институција со фокус на заедницата и практична примена на SDGs. Повеќе за конференцијата тука.

Успех што го создава цела заедница

Овој значаен меѓународен успех не би бил можен без заедничкиот ангажман на:

  • Академскиот кадар и универзитетските единици,
  • Ентузијастичните студенти,
  • Посветениот административен кадар,
  • како и стратешкото раководство на тимот на Ректорот.

УКЛО продолжува со визија за развој, вклученост и одржливост – не само на академско, туку и на општествено ниво.

Слични Објави