Светот го одбележува Меѓународниот ден на џезот

Еден од највлијателните музички стилови во светската историја. Џезот потекнува од афроамериканските заедници во Нови Орлеанс, САД, кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, и претставува мешавина од блуз, рагтајм, госпел и африкански ритми.

Денес, во над 190 земји ширум светот, се слави Меѓународниот ден на џезот, посветен на промоцијата на оваа уникатна музичка форма како симбол на слобода, креативност и културен дијалог.

Прогласен од страна на UNESCO во 2011 година, денот ја носи пораката дека џезот не е само музика, туку моќна алатка за поврзување на луѓето, надминување на бариери и поттикнување на меѓусебно разбирање. Иницијативата е поттикната од легендарниот џез пијанист Херби Хенкок, кој сè уште е активен промотор на ова глобално движење.

„Џезот ја учи младата генерација на слобода во изразувањето, почит кон различноста и силата на колективна креативност,“ истакна Хенкок во годинешното обраќање.

Годинашниот глобален концерт се одржува во Мексико Сити, каде што настапуваат врвни џез уметници од целиот свет, со пренос во живо преку официјалните канали на UNESCO и JazzDay.com. Покрај концертот, низ светот се одржуваат стотици настани: од образовни работилници, отворени џем-сесии, до изложби и проекции на документарци.

Во Македонија, денот се одбележува со специјална програма на неколку локални радија, концерт во МКЦ – Скопје, и џез вечер во Битола со учество на домашни музичари.

Меѓународниот ден на џезот потсетува дека оваа музика, родена од болката и надежта на афроамериканските заедници во САД, прерасна во универзален симбол на отпор, слобода и креативна моќ.

Слични Објави