Сојузот на здруженија на лица со дијабетес со барања за подобра здравствена заштита
Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија, ги достави своите барања до Владата, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, нагласувајќи ја потребата од подобрување на здравствената заштита за над 130.000 лица со дијабетес во државата.
Во нивниот повик, Сојузот ја истакна неопходноста од задржување на квалитетот на достапните инсулини и иновативни терапии, како и обезбедување поквалитетни и полесно достапни медицински помагала. Овие барања се дел од приоритетите дефинирани во Стратешкиот план за периодот 2024-2028 година, кој има за цел да обезбеди подобри услови за лицата со дијабетес.
„Уште еднаш го изразуваме нашето, големо незадоволство како претставници на над 130.000+ лица со дијабетес во Република Северна Македонија, од немањето позитивен одговор ниту активност за нашите барања, за соодветна грижа преку обезбедување најсовремена терапија за да се спречат сериозните здравствени компликации со кои се соочуваат лицата со дијабетес во Македонија, истакнаа од Сојузот.
Притоа порачаа дека време е да се овозможи на пациентите со дијабетес, да имаат избор на квалитетни апарати и ленти за мерење шеќер во сите аптеки.
– Време е секое лице со тип еден дијабетес да го менаџира својот шеќер во крвта со CGM сензори, а медицински индицираните и со инуслинска пумпа. Време е да почнете на пациентите со дијабетес да им ја овозможите целосно и анти – дијабетната терапија, за да полесно се спречуваат компликациите.
„Сите ние како претставници на над 130.000+ лица со дијабетес во Република Северна Македонија, сакаме конечно да видиме промени во начинот на третирање на нашите барања за соодветна грижа и спречување на сериозните здравствени компликации, со кои се соочуваат лицата со дијабетес во Република Северна Македонија“, пишува во нивните барања.
Од Сојузот ги нудат на располагање сите свои ресурси, логистички и човечки, во зедничко решавање и надминување на овој долгогодишен проблем на лицата со дијабетес во Македонија.