|

СКРМ: „Кој го лаже Уставниот суд за платите во културата?“

Скопје – Синдикат на културата на Република Македонија остро реагира на, како што велат, неточните информации доставени до Уставен суд на Република Северна Македонија во врска со висината на платите во културниот сектор.

Во своето јавно соопштение, од СКРМ прашуваат:
„Кој го лаже Уставниот суд и зошто релевантното Министерство за култура не доставило точни информации за основната плата на вработените во културата?“

Дополнително, синдикатот го посочува и министерот Зоран Љутков, барајќи одговорност за, како што велат, „постојано подгревање на јавноста со неточни информации“.

Големи разлики меѓу реалноста и презентираните бројки

Од СКРМ нагласуваат дека податоците за платите се „јавно достапни и лесно проверливи“ преку колективниот договор, но тврдат дека до Судот биле доставени значително повисоки износи од реалните.

Според синдикатот, најниската плата во културата во 2026 година изнесува околу 32.217 денари, додека:
„Според дезинформациите кои ги добил Уставниот Суд, најниската плата е 45.000 денари – што е за 12.783 денари повеќе, пари кои не постојат на сметките на вработените.“

Слична разлика, како што велат, постои и кај највисоките примања.
„До оние 128.000 денари на Уставниот Суд, има разлика од цели 39.000 денари“, наведуваат од СКРМ.

Поголемиот дел од вработените со просечни плати

Синдикатот потенцира дека најголемиот дел од вработените во културата – околу 80 проценти – имаат примања меѓу 35.000 и 55.000 денари, односно во рамки на просечната плата во државата.

Воедно предупредуваат дека евентуални измени или укинување на постојниот систем може да предизвика сериозни последици:
„Ако сето ова се укине, хаосот во платите и во работните места ќе се врати и ќе нè турне 30 години наназад.“

Најавени правни постапки

СКРМ информира дека веќе се покренати околу 800 тужби поврзани со неисплатени разлики во платите, што дополнително ја усложнува состојбата во секторот.

Од синдикатот бараат транспарентност, точни информации и одговорност од институциите, со цел, како што велат, да се заштити достоинството на вработените во културата.

Во продолжение објавата на СКРМ

Слични Објави