Преку месните заедници до посилна и поорганизирана заедница
Месните и урбаните заедници претставуваат клучна точка за комуникација меѓу граѓаните и локалната власт, а токму преку нивните претставници започнува реализацијата на бројни иницијативи и проекти што ја подобруваат заедницата.
Во просториите на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски во петокот одржа средба со претседателите на месните и урбаните заедници, со цел директна координација и разгледување на идните активности. На средбата присуствуваа и секретарот на Општината Борче Димитровски, раководителите на одделенијата и заменик-градоначалникот Бојан Бојкоски.
Во своето обраќање градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски истакна: “Општина Битола ќе продолжи со инвестиции во капиталната инфраструктура во градот и 64 населени места, што не прави најголема Општина во нашата држава. Оваа 2025 година уште од почетокот на градежната сезона ќе продолжиме со реализација на започнатите активности, а ќе почнеме и со реализација на новите проекти за кои се обезбедени средства во буџетот на Општина Битола за тековната година. Исто така на новиот повик на Владата кој се очекува да се објави во првиот квартал на оваа година, ќе аплицираме со компетна проектна документација за реализација на проекти од патната, водоводната, канализационата инфраструктура, нови паркинг простори, спортски терени, училишни спортски сали во вредност од над 10 милиони евра. Продолжуваме посветено во интерес на граѓаните на Општина Битола”.