Интензивно крадење дрва во прилепско, чуварите со полни раце работа
Шумочуварите од подружницата „Црн Бор“ на ЈП „Национални шуми“ во Прилеп се соочуваат со постојан предизвик во спречувањето на бесправната сеча на дрва, која продолжува со несмален интензитет и во новата година.
Веќе на првиот ден од 2025 година, во заедничка акција со шумската полиција, шумочуварите заплениле нелегално сечено дабово огревно дрво во селото Слепче, во шумско-стопанската единица „Бабуна – Стровија“. Истата вечер, во селото Небрегово, е извршена уште една заплена на дабово дрво од непознат сторител.
На 8 јануари, во близина на Воените магацини, биле затекнати два шпедитера натоварени со дабово огревно дрво. Дрвата се одземени и пренесени во складот на подружницата „Црн Бор“.
Ден подоцна, шумочуварската служба, заедно со шумската полиција, повторно спроведе акција, овојпат во шумско-стопанската единица „Селечка Планина“, кај местото Шаторов Камен. Притоа, беше запленето багремово огревно дрво кое исто така било бесправно исечено од непознат сторител. Запленетите дрва се транспортирани во складот на подружницата.
Шумочуварите апелираат за зголемена свест кај граѓаните и соработка со надлежните служби, со цел да се стави крај на овој долгогодишен проблем.