Бесплатен скрининг за хепатитис и ХИВ во Прилеп по повод Светскиот ден за борба против хепатитис
Во Прилеп, по повод Светскиот ден за борба против хепатитис, се реализираше бесплатен скрининг за хепатитис Б, Ц и ХИВ, како и еластографија на црн дроб. Скринингот се спроведе со мобилната медицинска единица од Скопје, како дел од националната кампања за рано откривање на црнодробни заболувања.
Настанот беше организиран во координација со Општата болница „Борка Талески“ – Прилеп, со поддршка од градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, и директорот на болницата, д-р Кире Јоноски. Активностите беа спроведени во партнерство со Министерството за здравство, Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, Универзитетската клиника за инфективни болести – Скопје, Официјалната комисија за хепатоцелуларен карцином, Центарот за јавно здравје – Прилеп и Хепар Центар Битола.
Граѓаните покажаа голем интерес за скринингот, кој беше бесплатен и анонимен. Мобилната единица ја посетија и поддржаа градоначалникот Јовчески и директорот Јоноски, давајќи поддршка на оваа важна здравствена иницијатива.
Националната кампања опфаќа 10 градови во државата, со цел подигнување на јавната свест за заболувања на црниот дроб, вклучувајќи црнодробен карцином, замастување на црниот дроб од алкохолна и неалкохолна природа, цироза и ретки црнодробни болести.



