|

Обвинение за претседателката на антикорупциска, измами со пензии, слабости во здравството – „Бистро-Матно“ извештај

Транспаренси Интернешнл – Македонија го објави новиот месечен извештај за јули 2025 година во рамки на иницијативата „Бистро-Матно“, која е фокусирана на следење на случаи поврзани со корупција и антикорупциски активности. Во најновиот извештај, настаните се поделени во две категории – „матни“ и „бистри“, зависно од тоа дали претставуваат негативни примери на корупција или позитивни примери на борба против неа.

Најматниот случај за јули е обвинението против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, за злоупотреба на службена положба и неовластен пристап до класифицирани информации.

Обвинителството поднесе обвинение против Димитровска за оддавање службени тајни во случајот „Адитив“. Таа, како што се наведува, фотографирала документи од предметите што се однесуваат на јавни набавки во енергетскиот сектор и му ги доставувала на обвинетиот Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино.

Дополнително, во рамки на истрагата било утврдено дека таа користела државен службеник – колега ревизор – за да полага тестови во нејзино име со цел да добие безбедносен сертификат „државна тајна“. Во процесот бил извршен упад во системот за класифицирани информации.

Во годишниот извештај за владеење на правото, Европската комисија нотира дека мешањето од страна на други власти ја загрозува независноста на судството. Комисијата посочува и на правна несигурност во процедурата за разрешување на главниот обвинител, како и на најава за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, што дополнително го поткопува принципот на поделба на власта.

Криминални шеми со пензии и нега: 36 лица осомничени. По неколкумесечна истрага, Обвинителството соопшти дека открило две криминални мрежи поврзани со нелегално доделување инвалидски пензии и право на туѓа нега. Меѓу осомничените се лекари, адвокати и административци. Наплатувале од 150 до 5.000 евра за лажни медицински документи и влијание врз институции.

Ревизорски извештаи, Здравството и правобранителството со сериозни слабости.

Државниот завод за ревизија откри сериозни системски слабости во работењето на Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство. Недостаток од интегрирани ИТ-системи, лоша контрола, недоволен буџет и застои во капитални проекти, како новите клинички центри, се дел од забелешките. Истиот извештај нотира неправилности и во Државното правобранителство и Основниот суд во Прилеп.

Судир на интереси во Институтот за сточарство.

ДКСК утврдила судир на интереси кај професор и заменик директор на Институтот за сточарство и рибарство при УКИМ. Институтот соработувал со фирма во која косопственик е сопругата на службеното лице.

Во делот Позитивни поместувања, „Бистри“ настани во борбата против корупцијата

Во категоријата „бистро“, Транспаренси издвојува неколку случаи во кои институциите постапиле по закон.

Уапсена битолска докторка поради примање поткуп. Докторка вработена во Клиничката болница Битола е уапсена откако од пациент примила пари за лекарска услуга. Министерството за здравство најави дисциплинска постапка и ги охрабри граѓаните да пријавуваат корупција преку веб алатката „Пријави неправилност“.

Обвинение за директор на Геријатрија – барал 20.000 евра мито. Директорот на ЈЗУ „13-ти Ноември“ – Скопје се товари дека барал мито за прием на пациент во тешка здравствена состојба. Според обвинението, второ лице ја примило сумата во негово име.

Обвинителен предлог против поранешен претседател на ревизорски совет.

Обвинителството поднесе обвинителен предлог против поранешен вршител на должност Претседател на СУНРСМ за злоупотреба на службена положба и нанесување штета врз буџетот преку незаконски дејствија во периодот 2021–2022 година.

Нова веб алатка за пријавување неправилности во здравството. Министерството за здравство воведе нова веб-платформа преку која граѓаните може анонимно да пријавуваат неправилности. Податоците од пријавите ќе се објавуваат секој месец, по здравствена установа.

Целиот извештај е достапен на веб-страницата на Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Слични Објави