Кој е надлежен? Прилепчани и Жители на Оревоец Протестираат Против Ископите на Бехтел и Енка
Кој е надлежен во оваа ситуација? Министерство за Животна Средина и Просторно Планирање? Министерство за Економија? Министерство за Транспорт и Врски? Локалната Самоуправа? Некој друг, можеби? Или пак сите кои ги спомнавме?
Жителите на селото Оревоец и прилепчани повторно излегоа на протест против ископите на мермер кои ги врши конзорциумот Бехтел и Енка. Протестот, кој започна денеска во 8 часот, има за цел да го прекине ископот што ги загрозува локалните природни извори на вода и животната средина.
Според жителите, никој не ги консултирал, ниту доставил документација за започнување на ископите. Ѓорѓи Ѓорѓиоски, член на Комитетот за заштита на природното и културното наследство на Македонија, изјави дека според она што го знаат тие, не е направена ниту експропријација на земјиште, а веќе се копаат нови рудници за тампон, кој патем, може да се зема од рудникот Сивец, кој е на само километар од спорната локација.
Жителите изразуваат сериозна загриженост и истакнуваат дека минирањата се одвиваат на само 200 метри од нивните куќи, а патот е уништен од тешката механизација. Селото има детален урбанистички план и на влезот од селото предвидени се детска градинка, училиште, амбуланта и паркови за деца, но се минира на само 150-200 метри од тие локации.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, изрази поддршка за протестот и истакна дека ќе бара институционално решение за проблемот и изјавува дека проблемот не е во концесионирањето, туку во начинот на изведба, кој ги загрозува основните животни услови за ова месно население.
Во дополнителни изјави на социјалната мрежа Facebook, граѓани истакнуваат дека концесијата за копање мермер е неразбирлива и дека операторите на дроновите на Бехтел и Енка не знаат дека куќите се на само 200 метри од минирањето. Се прашуваат дали мермерот се користи за изградба на пат и кој ги одобрува овие активности .
Според најновиот повик кој циркулира по социјалните мрежи, протестите и блокадите ќе продолжат секој ден 24/7 сѐ додека не се прекинат сите активности.