Нови спортски терени и фитнес катче во Точила
Во населбата Точила започна целосна реконструкција на трите спортски игралишта — фудбалското, кошаркарското и одбојкарското, како и уредување на нова фитнес зона и детско катче.
Активностите се дел од проект што го спроведува Министерството за спорт, со поддршка од Општина Прилеп, а на увид на првите работи беа градоначалникот Борче Јовчески и идниот градоначалник Дејан Проданоски.
Паркот во Точила 1 се простира на површина од околу 23.000 квадратни метри и со години претставуваше едно од најомилените места за рекреација на прилепчани. По повеќе од една деценија без значајни интервенции, овој простор конечно добива нов, современ изглед.
Во рамките на реконструкцијата се предвидува целосно обновување на спортските терени, поставување на нова подлога, кошеви, голови и мрежи, како и уредување на зелените површини и хортикултурно оплеменување на паркот.
„Со овие инвестиции вложуваме во младите, во спортот и во здравите навики на нашите сограѓани. Овој проект е пример како преку заедничка соработка можеме да создадеме подобри услови за сите генерации,“ истакна градоначалникот Јовчески, изразувајќи благодарност до министерот за спорт Борко Ристовски за поддршката и ангажманот.
Со реализацијата на проектот, паркот Точила 1 повторно ќе стане модерно спортско и рекреативно катче, достапно за сите граѓани.



