Нова услуга за идните родители во Прилепската болница
Со цел идните мајки и татковци да добијат точни информации, стручна поддршка и практична подготовка за породување и родителство, во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп е отворена Школа за трудници. Просторот е сместен во рамки на Одделението за гинекологија и акушерство и ќе служи за организирани едукативни сесии.
Програмата опфаќа теми поврзани со текот на бременоста, подготовките за породување, грижата за новороденче, како и поддршка за идните мајки и татковци од страна на медицински персонал.
Отворањето на школата е овозможено со поддршка од неколку компании и организации, меѓу кои Vitabiotics, ProMedika, подмладокот на Rotary Club, Euroglass и други. Тие помогнаа во уредување и опремување на просторот.
„Искрено им благодариме на нашите пријатели и поддржувачи: Vitabiotics, ProMedika, подмладокот на Rotary Club, Euroglass и други, кои со својата несебична помош придонесоа оваа идеја да стане реалност. Нивната поддршка ни овозможи да создадеме топол и пријателски простор за сите идни родители. Со нас – чекор по чекор, кон сигурно, информирано и спокојно родителство. Ве очекуваме со отворено срце!“ информираат од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп