|

Над половина млади се соочиле со корупција: 70% велат дека образованието не ја третира темата

Повеќе од половина млади во Македонија – дури 54% – имале директно или посредно искуство со корупција. Според истражување спроведено меѓу ученици и студенти на возраст од 16 до 26 години, 30% спомнуваат случаи на купување дипломи, а 24,3% поткуп за оценки.



Загрижува и фактот што 70% од младите сметаат дека образованието не третира теми поврзани со корупцијата, а речиси ист процент (69,6%) признаваат дека токму поради тоа се чувствуваат демотивирани. Само 8% имаат доверба дека институциите навистина се борат против корупцијата, а најмала доверба младите изразуваат кон судството, политичките партии и јавната администрација – токму секторите што ги сметаат за најпогодени од коруптивни практики.

Сепак, постои и надеж: 51% од младите би пријавиле корупција доколку има доверлив механизам, а 50,7% би користеле мобилна апликација за анонимно пријавување.

Истражувањето е спроведено во Скопскиот, Полошкиот и Југоисточниот регион од страна на тинк-тенкот „Аналитика“, во соработка со Иницијатива за граѓански интеграции (ИГИ) од Гостивар и Организација на жени од Струмица (ОЖС), во рамки на проектот „Младите во Македонија: клучна алка во градење општество без корупција“.

Директорката на „Аналитика“, Бојана Мијовиќ Христовска, нагласи дека корупцијата не е апстрактен проблем, туку нешто што директно ги демотивира младите и им ја руши вербата дека трудот се исплати.

Претседателот на Сојузот на економисти на Македонија, Борче Треновски, истакна дека цената за корупцијата ја плаќаат сите граѓани – преку послаби јавни услуги, пониски плати и зголемена миграција. Тој порача дека промената мора да започне од младите и од образовниот систем, со интегритет и чувство на припадност кон сопствената земја.

Од Бирото за развој на образованието, директорката Милка Тримчевска додаде дека борбата против корупцијата не е само задача на државата, туку заедничка одговорност на учениците, наставниците, родителите и сите граѓани.

На настанот беше претставена и мобилната апликација „Глас против корупција“, преку која младите можат анонимно да пријават корупција. Од „Аналитика“ велат дека со сигурен и доверлив механизам се создава реална можност за поголема отчетност и граѓанска акција.

„Младите се свесни, мотивирани и подготвени да делуваат – но бараат простор, доверба и поддршка. Сега е моментот институциите да ги препознаат како сојузници, а не како набљудувачи во борбата против корупцијата“, порачуваат од „Аналитика“.

Над половина млади се соочиле со корупција: 70% велат дека образованието не ја третира темата

Слични Објави