Мобилна апликација за Е-Дневник

Министерството за образование и наука (МОН) денеска ја промовираше новата мобилна апликација за пристап до електронскиот дневник (Е-Дневник), која е наменета за над 200 илјади родители и старатели. Апликацијата овозможува брз и лесен начин за следење на образовниот напредок на учениците.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека со оваа апликација родителите ќе имаат увид во распоредот на часовите, редовноста на нивните деца, оправданите и неоправданите изостаноци, зададените домашни задачи, добиените оценки, како и издадените свидетелства.

“Апликацијата може да се преземе на ednevnik.edu.mk или преку банер поставен на веб-страницата на министерството. Може да се инсталира на секој паметен уред, без разлика на оперативниот систем. Едноставна е за користење, а родителите ќе се најавуваат со истото корисничко име и лозинка кои веќе ги користат за пристап до електронскиот дневник. Ова значи дека во секое време ќе имаат брз пристап до информации за образовниот процес на нивните деца”, изјави Јаневска.

Министерката додаде дека сите податоци внесени во електронскиот дневник се архивираат, што овозможува корисниците да имаат пристап не само до тековната, туку и до податоци од претходните учебни години.

За корисничка поддршка при најавување, заборавена лозинка или други прашања поврзани со апликацијата, родителите и старателите можат да се обратат до стручниот тим на Министерството за образование и наука преку електронската адреса ednevnik@ednevnik.edu.mk.

Со воведувањето на оваа апликација, МОН продолжува со дигитализација на образованието, со цел подобрување на комуникацијата помеѓу наставниците, учениците и нивните родители.

Слични Објави