„Младите“ од Македонија остануваат да живеат со родителите до 32 години

Младите во Македонија и Црна Гора најдоцна во Европа ги напуштаат домовите на своите родители, што покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, врз основа на податоци од Евростат.

Балканот е на врвот на оваа листа. Младите во Црна Гора во просек остануваат да живеат со родителите до 33,3 години, додека во Македонија тоа е до 32,1 години. Во Хрватска, младите се осамостојуваат на 31,8 години, во Србија на 31,5, во Грција на 30,6, а во Бугарија на 30 години.

Во Јужна Европа и на Балканот, повеќе од половина од луѓето на возраст од 20 до 25 години живеат со своите родители. За разлика од тоа, во Северна Европа овој процент е под 20%, па дури и под 10%.

Младите во скандинавските земји најрано ги напуштаат домовите на родителите. Финците, со просечна возраст од 21,4 години, се тие кои најбрзо се осамостојуваат. Следуваат Данците и Швеѓаните со 21,8 години, а Норвежаните на 22,5 години.

Меѓу западноевропските држави, најдолго со родителите остануваат младите Шпанци и Португалци, со просечна возраст од 30,4 и 29,1 години. Младите Британци се осамостојуваат на 24,6 години, Германците на 23,9, а Французите на 23,7 години.

Слични Објави