Меѓународен ден на музеите – 18 мај
Меѓународниот ден на музеите нѐ потсетува на непроценливата улога што ја играат музеите во зачувувањето на нашиот културен идентитет и негувањето чувство на единство.
„Заедно, дозволете да го прославиме Меѓународниот ден на музеите потопувајќи се во магијата што нѐ чека во рамките на нашите музејски ѕидови“ велат од Министерството за култура
Повеќе од педесет години, музеите низ целиот свет го одбележуваат 18 мај како Меѓународен ден на музеите.
Меѓународниот ден на музеите е востановен на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ), одржано во Москва во 1977 година, се со цел да се насочи вниманието на јавноста во целиот свет на нивната дејност.
Оттогаш музејските институции традиционално ги отвораат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, поставуваат изложби, организираат промоции или други настани, се со цел да го доближат движното културно наследство до што поголем дел од пошироката публика.
Отворени ќе бидат вратите на националните установи, заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и Струмица, на Стоби и Хераклеа, Спомен куќата на Тоше, Археолошкиот музеј, Националната галерија со сите свои објекти, Музејот на современата уметност, Музејот на македонска борба, Историскиот музеј во Крушево, Уметничката галерија во Тетово, „Др Никола Незлобински“ во Струга, Музејот на Западна Македонија во НОВ, во Кичево, Музејот на Тетовскиот крај, музеите во Куманово, Гевгелија, Природно-научниот музеј, Музејот на Северна Македонија.