Изборот на Прилеп – Повторно татко или е време за Мајка?
Независните кандидати Павлинче Матеска и Борче Чупетрески ќе се соочат со партиските претставници – Петра Лукароска од СДСМ и Дејан Проданоски од ВМРО–ДПМНЕ.
Најдолго се чекаше објавувањето на кандидатот на владејачката партија. Иако актуелниот градоначалник Борче Јовчески уште пред една година во интервју за ОТВ јасно ја искажа амбицијата за втор мандат, партијата не му ја даде довербата. Наместо тоа, ВМРО–ДПМНЕ за свој кандидат го избра Дејан Проданоски, кој по само една година во пратеничките клупи – каде замина од функцијата „претседател на Советот на Општина Прилеп“ – сега влегува во трка за највисоката градска позиција.
СДСМ настапува со ново лице во политиката. Петра Лукароска е професорка и три години беше директорка на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп. Позната е и како активист за машкото здравје преку фондацијата „Филип Лукароски“. Таа е и претседателка на општинската организација на СДСМ во Прилеп – од изненадувачки избор за партиска лидерка, сега до кандидат за „мајка на градот“.
Од независните кандидати, бизнисменот Борче Чупетрески веќе подолго време на социјалните мрежи ја најавуваше својата амбиција да застане на чело на градот. Неговите објави содржат критики кон досегашното владеење на сите општински состави, но и идеи за тоа како состојбите би можеле да се подобрат.
Павлинче Матеска, пак, се појави како изненадување. Веднаш по олеснувањето на условите за независна кандидатура, таа на својот Фејсбук профил објави дека влегува во изборната трка. Во своите јавни написи и објави нуди решенија за конкретни области, а истовремено упатува аргументирани критики, често поткрепени со цитати од закони. Павлинче работи во Даночно одделение на Општина Прилеп
Прилепчани оваа есен ќе одлучуваат меѓу четири различни профили на кандидати – двајца независни и двајца партиски.
Во јавноста се шпекулираат уште неколку имиња на независни кандидати, па ако сме испуштиле некој, а официјално се кандидирал, нека ни пише. ОТВ е отворена за сите, а особено за независните кандидати.


