ПОЧИНА ЕДЕН ОД ОСОМНИЧЕНИТЕ ПОЛИЦАЈЦИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА „ПУЛС“
Почина Владо Петров, пензиониран полициски службеник и поранешен главен инспектор за сообраќајни работи, кој беше еден од осомничените во случајот за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, каде што животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени.
Веста за неговата смрт ја објави Независниот синдикат на полицијата преку Фејсбук, од каде што порачаа дека „трагедијата во Кочани ја зеде својата 63. жртва“.
„Владо не го издржа притисокот и не успеа да види ништо од пензијата. Правда за полицијата е повеќе од потребна, а веќе е многу доцна“, стои во објавата на синдикатот.
И од Македонскиот полициски синдикат реагираа со порака дека Петров не ја дочекал правдата.
„Системот, наместо да ги заштити оние што чесно му служеле, често знае да ги скрши под товарот на неправдата. Владо Петров останува симбол на човек кој го даде својот придонес за безбедноста, но не ја дочека вистината и правната разрешница“, соопштија оттаму.
Петров беше осомничен дека, додека бил на функцијата главен инспектор за сообраќајни работи, потпишал документ за паркинг-просторот пред дискотеката „Пулс“.
Независниот синдикат на полицијата неодамна одржа протест под паролата „Први за осуда, последни за почит“, изразувајќи револт кон Јавното обвинителство поради, како што велат, начинот на кој се третирани полициските службеници осомничени за трагедијата.
Истрагата ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против триесет полициски службеници од СВР Штип и Полициската станица во Кочани. Тие се товарат дека не направиле целосна и детална проверка при издавањето согласност за лиценцата на „Пулс“ во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир.
Постапката е сè уште во фаза на истрага, а обвинителен акт за пожарот во „Пулс“ веќе е поднесен против 34 физички и три правни лица.



