| |

Итна реакција на Општина Крушево по палењето на депонијата

По објавите на социјалните мрежи за наводна негрижа околу депонијата во Општина Крушево, локалната самоуправа реагираше со итен состанок со службите ТППЕ и ЈП „Комуна“. Од утринските часови е извршена интервенција на терен за справување со настанот.

Според првичните информации, палењето е предизвикано од група лица со намера да предизвикаат немири, со што е загрозено здравјето на граѓаните и угледот на општината. За случајот е известена полицијата и надлежните институции, а ќе се бара одговорност од сите инволвирани.

Општина Крушево најави обновување на опремата за 24-часовен видео надзор и обезбедување на депонијата, како и дополнителни контроли и санкции за сторителите на вакви дејства. Во соработка со приватна фирма ќе се врши дотур на земја и затрупување на депонијата.

„Еден од нашите приоритети е воведување на интегрирано управување со отпадот. Во подготовка е техничка документација за центар за управување и селекција на отпад, со што значително ќе се намали количеството отпад на депонијата“, истакнаа од општината.

И покрај недостигот на поддршка од централната власт, Општина Крушево вложува сопствени ресурси за обезбедување решенија и апелира до граѓаните да пријавуваат сомнителни активности и да соработуваат со институциите.

Слични Објави