Нови контејнери за нови навики! Граѓаните отпадот да го одлагаат согласно ознаките на контејнерите

Официјално започна поставувањето на новите контејнери за мешан комунален отпад и за селекција на отпад, со што се реализира уште една значајна активност во насока на подобрување на јавната хигиена и заштитата на животната средина.

Активноста ја спроведува ЈКП „Комуналец“ во рамките на проектот за Регионално управување со цврст отпад. Со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Прилеп доби 126 нови контејнери за одлагање отпад по принципот на сува и влажна фракција, кои постепено ќе ги заменат старите и дотраени садови.

Новите контејнери се дел од современиот систем за управување со отпад, кој има за цел да го зголеми степенот на селекција и рециклирање, да ја подобри чистотата во градот и да придонесе за поквалитетна животна средина.

Од ЈКП „Комуналец“ апелираат до граѓаните новите контејнери да се користат совесно и согласно нивната намена. Во зелените контејнери се одлага мешан комунален отпад, додека во контејнерите за селекција се оставаат пластика, хартија, картон, лименки и друга амбалажа што може да се рециклира. Посебно се потенцира дека во нив не треба да се одлага градежен или кабаст отпад.

Правилната селекција на отпадот овозможува поголемо рециклирање, намалување на количините отпад што завршуваат на депониите, поефикасно управување со отпадот и зачувување на природните ресурси.

Со поставувањето на новите контејнери, Прилеп прави уште еден чекор кон создавање почиста, поуредена и поеколошка урбана средина, а успехот на овој процес ќе зависи од заедничката одговорност на институциите, комуналното претпријатие и граѓаните.

Слични Објави