„Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“
Културни манифестации на ЦЕНТАР ЗА КРЕАТИВНИ ИНДУСТРИИ-НЕБО, „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“ оваа година се одржува по четврти пат, продолжувајќи ја својата мисија за заживување на културната клима во Општина Демир Хисар. Преку мултидисциплинарна програма, настанот претставува автентичен обид за иницирање и развој на независна културна сцена надвор од урбаните центри. Манифестацијата ги обединува различните уметнички изрази – театар, ликовна уметност, музика, поезија и креативни работилници во една целина, што ѝ овозможува на локалната заедница директен контакт со современата културна продукција. Активностите се наменети за пошироката јавност, но манифестацијата посветува и особено внимание на маргиналните групи, вклучувајќи ги и штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар, преку инклузивни содржини и уметнички активности.
Манифестацијата ќе започне со прикажување на театарската претстава „Синиот портокал“ во изведба на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Станува збор за една од најизведуваните претстави на велешкиот театар, со 100 сценски прикажувања. Претставата е работена според текст на Џо Пенхол и претставува психолошка драма за двајца психијатри и еден пациент, отворајќи прашања за моќта, етиката и менталното здравје. Режијата е на Александар Ивановски, драматург е Катерина Момева, сценографијата ја потпишува Филип Коруновски, а музиката е дело на Сашко Костов.
Во рамки на програмата предвидени се и работилница за креативно пишување под менторство на поетот Митко Гогов, како и визуелна работилница за цијанотипија со фотографот Иван Алушевски – долгогодишен соработник на ЦКИ-НЕБО. Цијанотипијата е стар фотографски процес развиен во 19 век, познат по своите интензивни сини тонови, кој овозможува уникатен визуелен израз преку експериментирање со светлина и сенка.
Во ликовниот дел од програмата е вклучена изложбата „Преиспитувања“ на Никола Пијанманов и Тони Попов. Изложбата нуди визуелни размисли за личните и универзалните човекови искуства, раскажани преку автентичениот ликовен јазик на дваајцата уметници.
Манифестацијата продолжува со посебна програмска активност посветена на штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар – музикотерапија под водство на музичарите Сашко Костов и Славчо Коцев, членови на здружението АРТ ГЕНЕРАТОР од Велес, кои во изминатите години успешно го имплементираат Фестивалот за џез, светска и современа музика во Велес.
Како завршен настан, предвидена е премиерна проекција на документарниот филм „Железната тврдина – Демир Хисар“ од реномираниот македонски режисер Митко Панов. Филмот е снимен токму во Демир Хисар и претставува спој на документарна и уметничка визија, во кој покрај професионални актери како Игор Џамбазов и Синоличка Трпкова, учествуваат и локални жители, странски актери, членови на ЦКИ-НЕБО и штитеници од Психијатриската болница, кои се вклучени и како актери и како сценаристи.



