Увид во работите на реконструкција на канализационата мрежа на улицата „Панде Кајзеро“ во Битола
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со директорот на КЈП „Нискоградба“, Зоран Талевски, денеска извршија увид во тековните активности поврзани со реконструкцијата на мешовитата канализациона мрежа на улицата „Панде Кајзеро“.
Проектот се реализира со средства во износ од 3.249.089 денари, добиени преку првиот повик од Владата за капитални проекти во 2024 година.
Канализационата линија што е опфатена со реконструкцијата се состои од два одделни крака:
- Крак 1 се протега од југ кон северозапад, започнува од постоечка ревизионa шахта на улицата „Илинденска“ и завршува пред кривината, во должина од 309,70 метри.
- Крак 2 се протега од запад кон исток, почнувајќи од постоечка ревизионa шахта на улицата „7-ми Јули“ и завршува пред кривината, со должина од 50,80 метри.
Во рамките на реконструкцијата, постоечките бетонски цевки се заменуваат со нови коругирани полиетиленски (ПЕ) цевки, класа SN 8, со внатрешен пречник од 300 мм.
Во втората фаза од проектот, која веќе е започната со отстранување на калдрмата, предвидена е изградба на нов коловоз во должина од 380 метри. Средствата за оваа фаза изнесуваат 5.385.770 денари и исто така се обезбедени преку истиот владин повик за капитални инвестиции.


