Алелуја, изведувачот ќе си плател, ако фушарел

На „западот“ би рекле, „па нормално“. Што од тоа има понормално. Кај нас во тоа никој нема да поверува.

Ова одамна го немаме видено. Изведувачите редовно забораваат понешто да направат од договореното, не изведуваат по стандард, кратат метри, квадрати, набавени количини, намалуваат „марка бетон“, не ја санираат штетата – ако ја направиле, па дури и шутот (кога работиш има градежен шут и отпад, нели?) не го носат во отпад. Што уште не, а за тоа во Македонија последици немало. Тепаниот – тепан, оној другион… знаете.

Од што мака изведувачите кај нас можат да фушерат како што ќе им текне и да „заштедуваат“ од договорите, кои ги добиле на тендери? Зошто никој „не ги стиска“ и не им се заканува со суд? Одговорот (така мислиме) сите го знаете.

Така, со наши пари општините и владата плаќаат некаква „работа“, а не готов производ, за што им е платено на изведувачите. Некој поупатен би рекол: „Кратат, за да го надокнадат митото што го дале на порачателот“.

Еве еден свеж поинаков пример од Битола, кој кажува што е тоа „општо добро“, нешто на кое сите ние заборавивме сите овие години. Дај Боже ваквата постапка и став да стане практика насекаде и секогаш, а не само во предизборие.

  • Соопштение од општина Битола

Интегрален текст од изјавата на градоначалникот Тони Коњановски

Почитувани сограѓани,

Секој поединец и правен субјект кој работи на проекти финансирани од општината, мора да покаже посветеност и доследност во извршувањето на обврските.

Од моја страна побарана е одговорност од изведувачите на инфраструктурните активности во Битола на улицата Стив Наумов, како и на кружниот тек кај Ветеринарната станица.

Лично побарав и од изведувачот на топловодот, да ги санира направените оштетувања на улицата „Македонски гемиџии“.

Нема да дозволам, неодговорност и непродуктивно трошење на ниту еден општински денар, а секој изведувач мора да гарантира и да изврши квалитетна работа, затоа што во спротивно штетите никако нема да бидат на товар на граѓаните и општината, туку на изведувачите, како во случаите кои ги наведов.

За доброто на Битола, крајно време е да разбереме дека професионалниот однос кон општото добро е наша должност. Така и мора да се однесуваме, за да можеме да создадеме услови, какви што и доликуваат на нашата општина.

Слични Објави