„ЖИВОТИНСКА ФАРМА“ ВЕЧЕРВА ВО ПРИЛЕП – ОРВЕЛОВОТО ДЕЛО ДОБИВА МОЌНА ТЕАТАРСКА ПОРАКА

Голем интерес кај прилепската публика за претставата „Животинска фарма“ на Театарот „Војдан Чернодрински“. Вечерашната изведба, закажана за 20 часот на камерната сцена во НУЦК „Марко Цепенков“, е распродадена, информираат од установата.

Претставата е работена според култното дело на Џорџ Орвел, а режијата ја потпишува Ќендрим Ријани. Драматизацијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска и Ќендрим Ријани, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, а музиката е на Томе Темелкоски.

Особено интересен е сценскиот концепт на прилепската адаптација. Додека во оригиналната приказна животните се обидуваат да изградат ветерница, во оваа поставка тие се обидуваат да изградат театар. Преку оваа идеја се отвораат прашања за улогата на уметноста, општествените односи, моќта и потребата од театар како простор за слободно изразување.

Во претставата настапуваат: Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Илија Волчески, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Марија Спиркоска-Илијеска, Јасмина Мицовска-Станкоска, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и Томе Темелкоски.

За оние кои не успеале да обезбедат билети за вечерашната изведба, на официјалната веб-страница на Центарот за култура е наведен и следен термин – 30 ноември во 20 часот.

Слични Објави