Прилепските бизнисмени со конкретни барања до Општината – нова индустриска зона, побрзи градежни дозволи и изградба на обиколниците
На средба со претставници на прилепската бизнис-заедница, градоначалникот Дејан Проданоски, претставници од општината разговарале за потребите на компаниите, предизвиците со кои се соочуваат и развојните приоритети што треба да бидат опфатени во Буџетот на Општина Прилеп за 2027 година.
Нова индустриска зона, поефикасни административни процедури и забрзување на инфраструктурните проекти се дел од приоритетите што ги посочија претставниците на прилепската бизнис-заедница на средбата со локалната самоуправа.
Во фокусот на разговорите биле потребите на компаниите и предизвиците со кои се соочуваат, како и предлозите што треба да бидат земени предвид при подготовката на Буџетот на Општина Прилеп за 2027 година.
Стопанствениците побарале формирање нова индустриска зона, која ќе овозможи простор за нови инвестиции и проширување на постојните производствени капацитети. Меѓу барањата се и поефикасно издавање градежни дозволи, забрзување на изградбата на обиколниците „Исток“ и „Запад“, како и создавање услови за изградба на сопствени фотоволтаични централи.
Посебно внимание било посветено и на потребата од побрза реализација и поедноставување на постапките за измена на деталните урбанистички планови, како и изработката на новиот Генерален урбанистички план.
Од локалната самоуправа посочуваат дека голем дел од овие проекти веќе се во фаза на реализација, а доставените предлози ќе бидат разгледани и земени предвид при утврдувањето на развојните приоритети и планирањето на буџетските средства.
Подобрувањето на деловната клима, привлекувањето нови инвестиции и отворањето работни места остануваат важни предуслови за економски развој на Прилеп. Во таа насока, соработката меѓу општината и стопанството треба да резултира со конкретни решенија за потребите на домашните компании и создавање подобри услови за нивен раст и развој.


