Лекар и медицинска сестра претепани во Аеродром, здружението на специјализанти бара поголема заштита
Нападнати лекар и медицинска сестра од Итната помош во скопски Аеродром. Здружението на лекари специјализанти бара задолжително физичко обезбедување во здравствените установи и итни системски мерки за заштита на медицинскиот персонал.
Здружението на лекари специјализанти најостро го осуди нападот врз лекар и медицинска сестра од Итната медицинска помош, кој се случил на 21 ноември во скопската општина Аеродром.
Според информациите од МВР, за нападот биле осомничени 41-годишен маж и неговиот 62-годишен татко, а едниот од нив бил приведен.
Од Здружението бараат Министерството за здравство да иницира законски измени со кои ќе се обезбеди задолжително физичко обезбедување во сите здравствени установи. Велат дека се неопходни системски решенија и конкретни механизми за заштита на медицинскиот персонал од физички напади и закани.
„Безбедноста на здравствените работници не смее да биде привилегија, туку загарантиран услов за работа“, порачуваат од Здружението, барајќи итна институционална реакција.


