| |

Светски ден за борба против туберкулозата: Време е за акција!

Туберкулозата сè уште претставува сериозна закана за здравјето на милиони луѓе ширум светот, предупредуваат од Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија (ИЈЗ) по повод Светскиот ден за борба против туберкулозата. Годинашната порака „Време е за акција!“ има за цел да ја подигне свеста за оваа заразна болест и важноста на нејзината превенција и навремена дијагноза.

Според последните податоци на ИЈЗ, во 2023 година во Северна Македонија биле регистрирани 160 нови случаи на туберкулоза, од кои 109 се мажи, а 51 жени. Вкупниот број на активни случаи во државата изнесувал 290, што укажува на тренд на мало намалување во однос на претходните години.

„Состојбата со туберкулозата е стабилна, но сепак загрижувачка. Иако бројките покажуваат благ пад во споредба со 2018 и 2019 година, сè уште постои потреба од засилени мерки за рано откривање и навремен третман“, велат од Институтот.

И покрај напредокот во дијагностиката и третманот, туберкулозата останува водечка заразна болест во светот. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во 2023 година биле регистрирани 10,8 милиони заболени, од кои најголем дел во земјите со ниски и средни приходи. Минатата година 1,25 милиони луѓе починале како последица на оваа болест.

„Иако постојат достапни вакцини и третмани, зголемената отпорност на бактеријата кон антибиотиците и недоволниот пристап до здравствена заштита во одредени региони претставуваат сериозни предизвици во борбата против туберкулозата“, потенцираат експертите.

Туберкулозата е заразна болест што најчесто ги напаѓа белите дробови, но може да ги зафати и другите органи, како што се коските, бубрезите и мозокот. Се пренесува преку воздухот, кога заразеното лице кашла или кива. Најчестите симптоми вклучуваат:

  • Долготрајна кашлица (повеќе од две недели);
  • Болка во градите;
  • Замор и слабост;
  • Губење на телесна тежина;
  • Ноќни потења и треска.

ИЈЗ препорачува редовни здравствени прегледи и веднаш да се побара лекарска помош при појава на симптоми. БСЖ вакцината е ефикасна во заштита на децата од тешки форми на болеста, а навременото откривање и соодветниот третман значително го зголемуваат шансите за излекување.

Глобалните стратегии за борба против туберкулозата од 2000 година досега спасиле околу 79 милиони животи, но борбата продолжува. Институтот за јавно здравје повикува на поддршка на програмите за превенција, донации и волонтерска работа за подигнување на свеста и унапредување на здравствените услуги.

„Време е за заедничка акција. Со посветеност, информираност и солидарност, можеме да создадеме иднина без туберкулоза“, е пораката што ја испраќа ИЈЗ по повод Светскиот ден за борба против туберкулоза.

Слични Објави