Клиентите на Алта банка во Прилеп од понеделник ќе можат да подигнат до 20.000 денари

Клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола од понеделник, 16 ноември, ќе можат да ги користат банкарските услуги и во новоотворената експозитура во Прилеп.

Според информациите објавени од Народната банка, на експозитурата во Прилеп граѓаните кои имаат платежна сметка во Алта банка, но немаат платежна картичка, ќе можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели.

Во меѓувреме, продолжуваат да важат и постојните ограничувања за користење на средствата на сметките. Клиентите кои имаат платежни картички можат да располагаат со најмногу 15.000 денари неделно, додека за оние без картички лимитот изнесува 20.000 денари во период од две недели.

Од 10 ноември повторно се достапни услугите на електронското и мобилното банкарство, а во експозитурите на банката граѓаните ќе можат да вршат и уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други банкарски трансакции во рамките на утврдените ограничувања.

Дополнително, Народната банка ги олесни условите за исплата на плати за компаниите кои во последните три месеци редовно исплаќале плати преку Алта банка. Тоа значи дека овие компании ќе можат да ги исплаќаат платите заедно со даноците и придонесите, а вработените ќе можат да ја подигнат платата во целост.

Од Народната банка посочуваат дека внимателно ја следат состојбата во банката и постепено ги приспособуваат мерките со цел клиентите полесно да пристапат до своите средства и да ги користат платежните услуги.

Отворањето на експозитурата во Прилеп е дополнителна можност за прилепчани кои се клиенти на Алта банка да ги користат банкарските услуги во градот.

Слични Објави