(видео) „Зодијак“ со премиера на „Снежното Кралство“
Танцовото студио „Зодијак“ од Прилеп вечер, 19 ноември, со почеток во 20 часот, премиерно ќе го изведе мјузиклот „Снежното Кралство“ на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Претставата ги обединува актерската игра, музиката и танцот, надополнети со костими, сценографија, кукли, светлосни ефекти и 3D мапинг. Преку зимска приказна, наменета за деца и млади, се отвораат темите за љубовта, семејството, сестринството, довербата и меѓусебната поддршка.
Режијата и кореографијата се на Кире Миладиноски, драматизацијата и адаптацијата на Благојче Николоски, а музиката на Томе Темелковски. Во реализацијата учествува бројна екипа на соработници и изведувачи.
„Снежното Кралство“ е одобрено во Националната програма за култура и уметност на Министерството за култура и туризам за 2026 година. Претставата е прва годинешна продукција на „Зодијак“, реализирана во копродукција со Центарот за култура „Марко Цепенков“, кој веќе 27 години е матична сцена на студиото.
Од „Зодијак“ посочуваат дека покрај создавањето претстави, една од нивните цели е и развивање на младата театарска публика – децата да ја запознаат уметноста, да ги разбираат сценските пораки и да ја препознаваат вредноста на вложениот труд.


