Релевантноста не е овластување! Опозицијата ја напушти седницата на Советот
На денешната седница на Советот на Општина Прилеп се отвори процедурален спор околу тоа кој може да го застапува предлагачот на точка од дневниот ред. Многу честа појава во прилепскиот совет, но денес ескалираше.
Директорката на прилепската детска градинка не присуствуваше на седницата, туку испрати претставник. Кога советниците од опозицијата побараа да го видат овластувањето врз основа на кое лицето настапува во име на предлагачот, документ не беше доставен.
Претседателката на Советот не виде проблем во тоа. „Што сме ние, инспекција, да бараме полномошно?“, беше нејзиниот одговор, со дополнително образложение дека присутното лице било релевантно за материјата.
Но, релевантноста не е овластување. Стручноста на некого не е одговор на прашањето дали има право да го застапува предлагачот. Советниците не побараа инспекциски надзор, туку одговор на процедурално прашање. А претседателката, наместо да го даде или да ја разјасни постапката, одлучи дека тоа не е проблем.
Советот не е публика, а советниците не се статисти во процедура во која треба само да гласаат. Имаат право да прашуваат, а претседателката има обврска да обезбеди правилно водење на седницата.
По расправијата, комплетната опозиција ја напушти седницата, а мнозинството си ги изгласа останатите точки, без да се каже ни збор.
Останува прашањето: ако за претседателката е доволно некој да биде „релевантен“, кој тогаш утврдува дали тој е овластен да настапува во име на предлагачот?
Милан Секулоски


