УЈП ги проверува парите од странство што граѓаните ги примиле во 2021 година
Доколку граѓаните не ги исполнат доброволно утврдените даночни обврски, УЈП најавува мерки согласно законските надлежности. Сепак, не секој прилив од странство значи дека се должи данок.
Управата за јавни приходи (УЈП) започна со проверки на приливите од странство што граѓаните ги оствариле во текот на 2021 година. Врз основа на податоци добиени од банките, до дел од граѓаните веќе се испратени персонализирани известувања за проверка и исполнување на евентуалните даночни обврски.
Од УЈП појаснуваат дека известувањето не значи автоматски дека граѓанинот должи данок, бидејќи не секој прилив од странство е оданочив. Даночната обврска зависи од потеклото на парите и од основот по кој се примени.
Кои приливи може да подлежат на оданочување?
Обврската за пријавување се однесува на доход што подлежи на оданочување согласно Законот за данокот на личен доход. Меѓу нив се платите, хонорарите, приходите од фриленс и интелектуални услуги, издавањето недвижности преку платформи како Airbnb и Booking.com, дивидендите, каматите, авторските права, капиталните добивки од продажба на имот, криптовалути и хартии од вредност, како и добивките од игри на среќа.
Од друга страна, парите добиени како подарок, семејна поддршка или позајмица не претставуваат автоматски оданочив доход. Исто така, самото испраќање пари преку Western Union, Ria, MoneyGram или слични сервиси не значи дека постои даночна обврска.
„Даночниот третман зависи од вистинскиот основ на приливот и од тоа дали станува збор за доход што подлежи на оданочување согласно законските одредби“, посочуваат од УЈП.
Што треба да направат граѓаните?
Граѓаните што примиле пари од странство треба да проверат дали постои обврска за пријавување и плаќање данок. Доколку е потребно, треба електронски да поднесат пресметка за аконтација на данокот на личен доход, односно образец е-ППД, и да го платат утврдениот износ.
УЈП препорачува граѓаните да располагаат со докази за потеклото и основот на средствата, особено кога станува збор за подароци, семејни трансфери или позајмици.
Од Управата предупредуваат дека доколку утврдените даночни обврски не се исполнат доброволно, ќе бидат преземени мерки во согласност со законските надлежности.
Повеќе информации за пријавувањето, плаќањето данок и примената на договорите за избегнување двојно оданочување може да се добијат преку официјалната веб-страница на УЈП, на електронската адреса info@ujp.gov.mk или на телефонските броеви 0800 33 000 од фиксна линија и 02 3253 200 од мобилен телефон.


