Mакедонските ученици повторно под просекот на ОЕЦД – 26% читање, 32% математика, 36% наука

Само 32 отсто од 15-годишниците во Северна Македонија достигнуваат основно ниво по математика, а ниту еден ученик не стигнал до највисоките нивоа по читање и природни науки. Во исто време, растат отсуствата од училиште и употребата на вештачка интелигенција за училишни задачи.

Резултатите од меѓународното оценување ПИСА 2025 повторно го вклучија црвеното светло за македонското образование. Учениците од Северна Македонија се под просекот на земјите од ОЕЦД во трите главни области – математика, читање и природни науки, а слабите резултати се проследени и со зголемен јаз меѓу најдобрите и најслабите ученици.

Најзагрижувачка е математиката. Само 32 проценти од учениците достигнале барем основно ниво на знаење, додека просекот во ОЕЦД е 65 проценти. Само околу еден процент од македонските ученици ги достигнале највисоките нивоа 5 и 6.

Слична е сликата и во природните науки. Основните концепти ги совладале околу 36 проценти од учениците, додека ниту еден ученик не се искачил на највисоките нивоа.

Кај читањето, состојбата е уште посериозна – само 26 проценти од учениците достигнале ниво 2 или повисоко, а ниту еден не го достигнал највисокото ниво.

Сè поголем јаз меѓу учениците

Податоците покажуваат дека проблемот не е само во нискиот просек. Во периодот од 2022 до 2025 година дополнително се зголемил јазот меѓу 10 проценти од учениците со најдобри резултати и 10 проценти од оние со најслаби постигнувања.

Ова значи дека образовниот систем тешко успева да обезбеди рамномерно знаење за сите ученици.

Сепак, социо-економскиот статус во Северна Македонија има нешто помало влијание врз резултатите отколку во просекот на ОЕЦД. Тој објаснува околу 7 проценти од варијацијата во научните достигнувања, наспроти 12 проценти во ОЕЦД.

Телефоните и вештачката интелигенција – нов предизвик

Дигиталните уреди се уште еден фактор кој го менува начинот на кој учат младите.

Дури 33 проценти од учениците велат дека нивните соученици често се расеани од дигитални уреди за време на часовите по природни науки. Учениците кои пријавиле вакво расејување постигнале во просек 22 поени помалку.

Во обид да се намали проблемот, околу 60 проценти од училиштата вовеле забрана за користење мобилни телефони.

Паралелно со тоа, вештачката интелигенција станува дел од секојдневието на учениците. 44 проценти од нив користат чет-ботови за училишни задачи најмалку еднаш неделно, најчесто за истражување, сумирање текстови и подготовка на писмени задачи.

Родителите сè помалку разговараат со децата за училиштето

Еден од сигналите што особено загрижува е падот на семејната поддршка.

Во 2025 година, 67 проценти од учениците изјавиле дека нивните родители или старатели најмалку еднаш неделно ги прашуваат што прават во училиштето. Во 2022 година овој процент бил 73.

Уште поголем пад има кај разговорите за училишните проблеми. Од 63 проценти во 2022 година, уделот паднал на 52 проценти во 2025 година.

Иако родителите често го посочуваат недостатокот на време поради работните обврски, дел од нив признаваат дека дигиталните медиуми значително го промениле интересот и навиките на децата.

Наставниците добиваат подобри оценки

За разлика од семејната поддршка, односот со наставниците е една од позитивните точки во резултатите.

Околу 80 проценти од учениците велат дека наставниците покажуваат интерес за нивното учење и им даваат дополнителна помош кога им е потребна. Околу 77 проценти велат дека наставникот продолжува да објаснува додека учениците не разберат.

Сепак, дисциплината во училниците останува проблем. Дел од учениците велат дека не можат добро да работат на часовите, дека има бучава и неред или дека нивните соученици не го слушаат наставникот.

Отсуствата и доцнењето се аларм

Особено впечатливи се податоците за присуството на учениците.

Дури 35 проценти од македонските 15-годишници изјавиле дека пропуштиле најмалку еден цел ден на училиште во двете недели пред тестирањето. Просекот на ОЕЦД е 22 проценти.

Уште 41 процент пропуштиле најмалку еден час, а 57 проценти доцнеле на училиште.

Овие бројки отвораат дополнително прашање: колку знаењето се губи не само поради квалитетот на наставата, туку и поради тоа што учениците сè поретко се присутни и активно вклучени во неа?

Не е сè црно

И покрај слабите резултати, ПИСА 2025 покажува и неколку позитивни сигнали.

Околу 68 проценти од македонските ученици велат дека се љубопитни за различни работи, а 62 проценти велат дека вложуваат дополнителен напор кога задачата станува тешка.

Интересно е и тоа што меѓу 2022 и 2025 година значително се зголемил уделот на ученици кои велат дека се љубопитни, додека се намалил процентот на оние кои сметаат дека училиштето е губење време.

Тоа покажува дека потенцијал постои. Прашањето е дали образовниот систем успева тој потенцијал да го претвори во знаење.

ПИСА како предупредување, а не само како ранг-листа

Во тестирањето ПИСА 2025 во Северна Македонија учествувале 6.977 ученици од 124 училишта, што претставува околу 90 проценти од популацијата на 15-годишници.

Резултатите не се само статистика и не треба да се гледаат единствено низ призмата на ранг-листата. Тие покажуваат колку младите можат да применат знаење, да решаваат проблеми, да читаат со разбирање и да размислуваат критички.

А токму тука македонското образование има сериозен проблем.

Падот во математиката, слабите резултати во читањето и науката, растечките отсуства, дигиталното расејување и намалената семејна поддршка се делови од една поголема слика.

ПИСА 2025 затоа треба да се сфати како предупредување: проблемот не е само во тоа што македонските ученици имаат ниски резултати, туку и во тоа што сè поголем дел од нив не ги стекнуваат основните вештини потребни за живот надвор од училишната клупа.

Слични Објави