Четири општини учат од Прилеп како се воспоставува успешен систем за селекција на отпад
Четири општини учат од Прилеп како се воспоставува успешен систем за селекција на отпад
Искуствата на Прилеп во селекцијата и управувањето со отпадот денес беа во фокусот на студиска посета на претставници од Гази Баба, Ѓорче Петров, Илинден и Струмица, кои во ЈКП „Комуналец“ се запознаа со начинот на кој функционира прилепскиот модел за примарна и секундарна селекција на отпад.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, но и запознавање со конкретните решенија, инфраструктурата и организацијата на системот за селекција на отпад што се применува во Општина Прилеп.
Во просториите на ЈКП „Комуналец“ се одржа работна средба на која беа презентирани практичните искуства од воспоставувањето на примарната селекција, начинот на собирање на селектираниот отпад, организацијата на системот, предизвиците, но и резултатите што се постигнати во изминатиот период.
Претставниците од четирите општини имаа можност директно да се запознаат со функционирањето на системот, со оглед на тоа што Прилеп во моментов се издвојува како лидер во примарната селекција на отпад, со 49 проценти од граѓаните кои селектираат отпад во своите домаќинства.
Во рамки на студиската посета, гостите беа пречекани и од градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, по што следуваше обиколка на дел од инфраструктурата за управување со отпад.
Беше посетен плацот за селекција на отпад, каде што учесниците одблизу се запознаа со приемот, селекцијата и понатамошното постапување со отпадот. Тие го посетија и собирното место за електричен и електронски отпад, како и просторот за собирање и складирање на стакло.
Посебно внимание беше посветено на фабриката за селекција на отпад, каде што беа презентирани процесите на селекција и подготовка на отпадот за понатамошно рециклирање и искористување. Фабриката е дел од инфраструктурното унапредување на прилепскиот систем за управување со отпад.
На работната средба се разговараше и за идните планови на Општина Прилеп во оваа област, меѓу кои се подготвената проектна документација за изградба на компостара и планирањето на плац за рециклирање на градежен отпад.
Прилеп во изминатиот период продолжува да го унапредува системот за селекција со нова комунална инфраструктура и опрема. За прилепските домаќинства се обезбедени и 8.318 канти за примарна селекција, а се предвидува и дополнително проширување на капацитетите за селекција и собирање на различни видови отпад.
Од денешната студиска посета беше испратена порака дека размената на искуства меѓу локалните самоуправи може да помогне во побрзо воспоставување на функционални системи за селекција и рециклирање и во други општини.
Посетата, организирана од Центарот за климатски промени, претставува можност успешните решенија од Прилеп да се пренесат и при развојот на локалните системи за управување со отпад во Гази Баба, Ѓорче Петров, Илинден и Струмица.


