Од Прилеп до светскиот врв! Никола Здравески освои ЗЛАТО и СРЕБРО во Торино
Прилепскиот гимназијалец ја искачи Гимназијата „Мирче Ацев“ и Македонија на светскиот врв
Голем меѓународен успех постигна Никола Здравески, ученик во Гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп, кој освои златен и сребрен медал на XIX Меѓународна олимпијада по геонауки – IESO 2026, одржана од 20 до 27 август во Торино, Италија.
Никола беше дел од македонскиот национален тим, кој во силна меѓународна конкуренција постигна извонредни резултати и се врати дома со вкупно девет медали во различни категории.
Прилепскиот гимназијалец го освои златниот медал во категоријата „Earth System Project“ (ESP), дисциплина која опфаќа истражување на системот на Земјата во меѓународни тимови. Второто големо признание пристигна во категоријата „International Field Team Investigation“ (IFTI), каде што Никола освои сребрен медал за теренско истражување реализирано во состав на меѓународен тим.
До овој значаен меѓународен успех Никола стигна по низа одлични резултати на домашни и меѓународни натпревари. Претходно го освои третото место на Државниот натпревар по географија, учествуваше на Европското првенство, а со високиот пласман на селекциониот натпревар обезбеди место во македонската репрезентација.
Негов училишен ментор е професорката по географија Александра Ристеска, која го водеше и поддржуваше Никола на неговиот пат кон овој голем успех.
На Олимпијадата во Торино се натпреваруваа околу 160 средношколци од 40 држави, а сите натпреварувачки активности се одвиваа на англиски јазик. Во таква силна конкуренција, освојувањето на два медали претставува исклучително достигнување, како за Никола, така и за неговото училиште, градот Прилеп и Македонија.
Ова не е прв голем успех на учениците од Гимназијата „Мирче Ацев“ на Меѓународната олимпијада по геонауки. Во 2024 година, ученичката Ивана Атанасоска на Олимпијадата во Пекинг, Кина, освои два бронзени медали, со што уште тогаш беше потврден високото ниво на знаење и талент што го поседуваат учениците од прилепската гимназија.
Покрај Никола Здравески, одлични резултати постигнаа и останатите членови на македонскиот тим. Стефанија Димовска од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ од Битола освои еден златен и еден бронзен медал. Трајче Шатков од СОУ „Добри Даскалов“ од Кавадарци освои три бронзени медали, додека Борче Кузманоски од СОУ „Цар Самоил“ од Ресен се закити со два бронзени медали.
Македонската делегација на Олимпијадата беше предводена од искусните ментори д-р Горан Китевски, вонреден професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет и претседател на Македонското географско друштво, како и д-р Ивица Милевски, редовен професор на Институтот за географија при ПМФ.
Успехот на македонскиот тим во Торино претставува еден од најзначајните резултати на нашите средношколци на меѓународно ниво во областа на геонауките.
За Прилеп и Гимназијата „Мирче Ацев“, двата медали на Никола Здравески се уште една потврда дека во оваа образовна институција растат талентирани, амбициозни и успешни млади луѓе, кои со своето знаење и посветеност достојно ја претставуваат Македонија на светската сцена.
Честитки за Никола Здравески, неговата менторка Александра Ристеска и целиот македонски тим за историскиот успех во Торино!
Со вакви резултати, младите уште еднаш покажуваат дека знаењето, трудот, посветеноста и доброто менторство се патот кон највисоките светски достигнувања. Гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп уште еднаш потврдува дека е вистински расадник на таленти, успешни ученици и идни интелектуалци.


