Првачињата го започнаа училишниот пат – 7.000 денари за секое прваче во Демир Хисар
Со многу детска насмевка, возбуда и радост, денес во Општина Демир Хисар свечено беше одбележан почетокот на новата учебна година и пречекот на најмладите ученици – нашите првачиња.
На сите првачиња од територијата на Општина Демир Хисар, срдечно и топло добредојде во училишните клупи им посака градоначалникот Најдовски, упатувајќи им искрени желби за добро здравје, успех, нови знаења, убави училишни денови и бескрајна детска радост.
Во своето обраќање, градоначалникот ја истакна цврстата определба и подготвеност на Општина Демир Хисар континуирано да инвестира во образованието и несебично да го поддржува развојот и унапредувањето на наставно – образовниот процес, создавајќи подобри услови за учениците и наставниците.
„Инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината на нашата општина. Нашите деца заслужуваат најдобри можни услови за учење, развој и напредок. Ќе продолжиме да даваме целосна поддршка на училиштата и на сите оние кои се посветени на создавањето подобра иднина за нашите најмлади“, истакна градоначалникот Најдовски.
Во рамки на денешниот свечен пречек, со одлука на градоначалникот, Општина Демир Хисар обезбеди и пригодни ваучери во вредност од 7.000 денари за секое прваче, како симболичен знак на внимание и поддршка за најмладите жители на општината.
Директорот на најголемото општинско основно училиште, „Гоце Делчев“, Аце Јанкуловски, упати огромна благодарност до градоначалникот Најдовски и Општина Демир Хисар за успешната соработка, поддршката и заложбите за унапредување на наставниот процес и подобрување на условите во училиштето.


