„Марко Цепенков – Дрен 2026“ – Седум уметници ќе создаваат монументални скулптури за јавниот простор

Од 18 до 25 август 2026 година, Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе ја реализира 18-та ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“, која годинава става посебен акцент на монументалната скулптура и нејзината улога во јавниот простор.

На колонијата ќе творат седум уметници – Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Марјан Стојаноски, Слободан Милошески, Озбек Ајваз, Славчо Павлески и Емил Солески. Тие ќе работат на монументални скулптури наменети за јавен простор, со што колонијата продолжува да ја развива идејата уметноста да биде достапна и присутна во секојдневниот живот на заедницата.

„Марко Цепенков – Дрен 2026“ е дел од годишната програма на Центарот за култура „Марко Цепенков“ за 2026 година во областа на визуелните дејности, со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Годинава, за првпат, колонијата е поддржана и од Општина Прилеп, што претставува дополнителен поттик за реализација на нови уметнички дела во јавниот простор.

„Колонијата е значајна средба на уметници, идеи и современи скулпторски изрази, со една јасна цел – уметноста да излезе од галерискиот простор и да стане дел од секојдневниот живот на заедницата“, вели координаторот на колонијата, Марјан Стојаноски.

Тој посочува дека создавањето монументални скулптури отвора можност за трајни уметнички интервенции кои го збогатуваат просторот, го градат неговиот идентитет и стануваат дел од колективното сеќавање.

„Преку непосредната работа и размената на идеи, уметниците го истражуваат односот меѓу материјалот, формата, просторот и времето“, додава Стојаноски.

Особено значење за колонијата има и признанието „3-ти Ноември“ на Општина Прилеп, кое „Марко Цепенков“ го доби за својот придонес кон културниот и уметничкиот живот на градот.

Од Центарот за култура упатуваат благодарност до Министерството за култура и туризам за континуираната поддршка на колонијата во изминатите 18 години, како и до Општина Прилеп за годинешната поддршка.

Со 18-тото издание на „Марко Цепенков – Дрен 2026“, продолжува создавањето мост меѓу уметниците, граѓаните и јавниот простор, со дела кои имаат потенцијал да останат траен дел од културниот пејзаж на градот.

„Прилеп создава, поддржува и остава трага. Уметноста е дел од нашиот простор, нашиот идентитет и нашето културно наследство“, порача Стојаноски.

Слични Објави