Изградбата на автопатот Прилеп – Битола се интензивира, завршувањето е предвидено за 2028 година
Автопатот Прилеп – Битола е долг околу 39 километри и е дел од Коридорот 10д. Изградбата започна во април 2024 година, а според договорната динамика треба да биде завршена во 2028 година. Од Министерството за транспорт најавуваат дека целта е во текот на 2027 година сообраќајот да биде пуштен по една коловозна лента, доколку градежните работи се одвиваат според планираната динамика.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека изградбата на автопатот Прилеп – Битола се одвива со засилена динамика, оценувајќи дека станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата.
Во објава на неговата официјална Фејсбук-страница, Николоски истакна дека автопатот, кој е дел од Коридорот 10Д, ќе придонесе за подобра поврзаност на Пелагонискиот регион со остатокот од земјата, како и со граничниот премин Меџитлија кон Грција.
„На терен се работи сè поинтензивно на изградбата на овој стратешки автопат, дел од Коридорот 10Д, што ќе го поврзе целиот регион и ќе отвори нови можности за развој“, наведува Николоски.
Според него, по завршувањето на автопатот ќе се овозможи побрзо патување кон Грција, а времето на патување од Скопје до Атина ќе се намали за околу три до три и пол часа. Тој оцени дека тоа ќе придонесе за зголемен туристички и економски промет во регионот.
Министерот посочи дека станува збор за најдолгата поединечна автопатска делница што моментално се гради во земјава и најави дека целта на Владата е веќе во текот на следната година сообраќајот да биде пуштен по една коловозна лента.
„Овој автопат ќе значи побезбеден и побрз сообраќај, подобра поврзаност, поголема конкурентност на стопанството и силен поттик за економскиот развој на Пелагонија“, истакнува Николоски.
Автопатот Прилеп – Битола е долг приближно 39 километри и претставува дел од инфраструктурниот проект за изградба на Коридорите 8 и 10Д, кој го реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“. Новата делница ќе ја замени постојната магистрална сообраќајница, на која со години се бележи интензивен сообраќај и честопати се случуваат сообраќајни незгоди.
Со изградбата на автопатот се очекува значително да се подобри безбедноста во сообраќајот, да се намали времето на патување меѓу Прилеп и Битола, како и да се олесни транспортот на стоки кон јужната граница и грчките пристаништа. Проектот се смета за еден од клучните за економскиот развој на Пелагонискиот регион, кој е меѓу најзначајните земјоделски и индустриски области во државата.
Според претходните најави од надлежните институции, изградбата се одвива на повеќе фронтови, а паралелно се реализираат земјени работи, изградба на мостови, натпатници и други инфраструктурни објекти долж трасата. Завршувањето на проектот е планирано во согласност со динамиката предвидена во договорот за изградба на Коридорите 8 и 10Д.



