Општина Прилеп ги наградува најдобрите наставници и воспитувачи

Општина Прилеп објави два јавни повици со цел унапредување на квалитетот во образованието и предучилишното воспитание, како и стимулирање и наградување на најуспешните кадри во воспитно-образовниот процес.

Првиот јавен повик се однесува на доделување награди за најдобар наставник во одделенска и предметна настава во општинските основни училишта, како и за најдобар наставник во средните општински училишта во Прилеп.

Наградата има за цел да ја поттикне општествената одговорност, професионалниот развој и ангажманот на наставниците во подобрување на образовниот процес, препознавање на потенцијалите кај учениците и афирмација на општината во пошироки рамки.

Право на учество имаат наставници вработени на неопределено работно време во општинските основни и средни училишта во Прилеп, кои не се на раководни позиции и кои не биле наградувани во последните пет години.

Критериумите за избор опфаќаат повеќе сегменти, меѓу кои планирање и реализација на наставата, работа со родители и заедницата, учество во инклузивни тимови, промоција на училиштето, објавување стручни трудови, освоени награди на натпревари, учество во проекти и семинари, како и авторство на учебници и стручна литература.

Ќе се вреднуваат резултати постигнати во тековната учебна година, а секој наставник има право да конкурира за еден наставен предмет. Бројот на пријави по училиште не е ограничен.

Вториот јавен повик се однесува на награди за најдобар воспитувач и најдобар неговател во ЈОУДГ „Наша иднина“ – Прилеп.

Со овој повик се наградуваат најдобрите практики во предучилишното воспитание и грижа, со фокус на квалитетот на работата со децата, професионалниот развој, тимската работа, комуникацијата со родителите и учеството во проекти и обуки.

И во оваа категорија право на учество имаат вработени на неопределено работно време кои не се раководни лица и не биле наградувани во последните три години.

Критериумите опфаќаат воспитно-згрижувачка работа, комуникација и тимска работа, стручно усовршување, резултати и ориентација кон корисниците на услугите, промоција на установата, учество во проекти и објавување стручни трудови.

Наградата за најдобар воспитувач и најдобар неговател изнесува по 20.000 денари.

Пријавувањето за двата повици се врши со доставување на потребната документација во архивата на Општина Прилеп или по пошта, со точно утврдени услови и рокови, а Комисијата за општествени дејности и заштита на правата на децата ќе ги разгледа и евалуира пристигнатите пријави и ќе изготви ранг-листа.

Одлуката за наградените ќе ја донесе градоначалникот на Општина Прилеп, а резултатите ќе бидат јавно објавени на веб-страницата на општината.

Јавните повици имаат важност од пет дена од денот на објавувањето.

Повеќе информации за условите, критериумите и потребната документација можете да најдете на линковите од веб страната на општина прилеп. https://www.prilep.gov.mk/j-a-v-e-n-p-o-v-i-k-za-dodeluvanje-nagradi-za-najdobar-vospituvach-i-najdobar-negovatel-vraboteni-vo-joudg-nasha-idnina-prilep/. https://www.prilep.gov.mk/j-a-v-e-n-p-o-v-i-k-za-dodeluvanje-nagradi-za-najdobar-nastavnik-vo-oddelenska-i-predmetna-nastava-vo-opshtinskite-osnovni-uchilishta-i-najdobar-nastavnik-vo-srednite-opshtinski-uchilisht/

Слични Објави