|

Четири сребрени медали од Светското првенство во Австрија – Историски успех за битолските куглари

Битолските куглари испишаа нова страница во историјата на македонскиот спорт, освојувајќи четири сребрени медали на Светското првенство во куглање кое се одржа во Австрија. По повод големиот успех, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, организираше прием за спортистите и нивниот селектор.

Најголемиот успех го постигнаа Стефанија Алексовска и Дарко Јовановски, кои го освоија сребрениот медал во дисциплината Тандем микс и се закитија со титулата светски вицешампиони. Со овој резултат тие остварија еден од најзначајните успеси во историјата на македонското куглање.

Уште еден сребрен медал за Македонија донесоа Стефанија Алексовска и Андреа Велјановска во дисциплината Тандем жени. Според селекторот Игор Михајловски, кугларките покажале извонредна игра во најважните моменти од натпреварувањето.

„Како селектор, тренер и дел од управата на Кугларската федерација на Македонија немам зборови да ја опишам среќата и задоволството за постигнатиот успех на Македонија во младинските категории“, изјави Михајловски.

Градоначалникот Коњановски им честиташе на спортистите за извонредните резултати и им посака уште многу успеси на домашната и меѓународната сцена.

Кугланата во Битола, која е лиценцирана за одржување на меѓународни натпревари, продолжува да биде расадник на таленти и место од кое произлегуваат врвни спортисти што успешно ја претставуваат Битола и Македонија во светот.

Слични Објави