Градоначалникот Проданоски меѓу најмладите и највозрасните прилепчани во пресрет на празниците
Во пресрет на новогодишните празници, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, оствари посета на институции каде што во овие денови најмногу се чувствува потребата од внимание.
Проданоски ги посети најмалите пациенти на Одделението за детски болести во Општата болница „Борка Талески“ – Прилеп, каде што со пригодни подароци и искрени желби им донесе празнична радост и насмевка, испраќајќи порака дека заедницата мисли на нив и во најчувствителните моменти.
Во рамки на посетата, градоначалникот беше и во Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“, каде што со повозрасните сограѓани сподели топол збор и поддршка, нагласувајќи дека тие не се заборавени и дека грижата за нив е постојана обврска на локалната самоуправа.
„Хуманоста, солидарноста и грижата за секој човек се темел на нашата заедница. Празниците се време кога овие вредности треба најмногу да ги покажеме“, истакна градоначалникот Дејан Проданоски.
Со вакви активности, Општина Прилеп ја потврдува својата посветеност на социјалната одговорност и на создавање заедница во која секој граѓанин се чувствува важен и поддржан, особено во празничните денови.



