Омаж за легендата Дарко Дамески со изложба и проекција на „Црно семе“
В четврток, 28 мај во кино салата ,,Мис Стон“,во 19 часот, ќе се одржи настан во чест на ликот и делото на Дарко ДАМЕСКИ, 55 години од Златната Арена.
Пред присутните ќе се обратат претседателот на Ротари Клуб Прилеп, Орде Ѓоргијоски, раководителот на НТВ „Војдан Чернодрински“, Михајло Миленкоски, како и Симеон Мони Дамевски, син на Дарко Дамески.
Во продолжение ќе биде отворена изложбата посветена на големиот актер, по што ќе следува прикажување на омажот за Дарко Дамески, изработен од Горан Марковски.
Посетителите ќе имаат можност да ја проследат и биографијата на Дарко Дамески, како и читање на интервјуто „Златото се вика Дарко Дамески“, објавено на 4 септември 1971 година во „Екран“, од авторот Васил Пујовски.
Во рамки на настанот ќе биде прикажан и култниот македонски филм Црно семе, за чија улога Дарко Дамески ја добил престижната награда Златна Арена.
Настанот е поддржан од Ротари Клуб Прилеп, а изложбата е во сопственост на НУ Театар Комедија.
Идејата и иницијативата за реализација на изложбата е на Саша Шотаровски, додека фотографиите ги изработи Виктор Семенпеев од „Софија Принт“ – Скопје.
Плакатот и поканите за настанот ги изработи неговата внука Бојана Чаминска Тиноко.



