Уметнички циклус „Дозимери“ пред прилепската публика
Во Центар за култура „Марко Цепенков“ на 17 април (петок) со почеток од 19 часот ќе биде отворена изложбата „Дозимери“ од Драган Верговски Алпи.
Публиката ќе има можност да види околу 30 дела работени на картон и на алуминиумски лим, инспирирани од различни мотиви – крстови, пејзажи и сцени од кочанското поле.
Авторот истакнува дека циклусот настанал во специфичен творечки период:
„Циклусот го работев одеднаш, како да претчувствував голема трагедија. И потоа се случи трагедијата во Кочани. По 20 часа дневно творев додека работев на конзервација на мозаикот од Чемерски“, вели Верговски – Алпи.
Изложбата е поддржана од Министерство за култура и туризам на Северна Македонија.
Драган Верговски Алпи е советник конзерватор. Завршил средно уметничко училиште, Педагошка академија кај проф. Борко Лазески, а Факултет за ликовна уметност во Скопје кај проф. Димитар Кондовски.
Самостојно изложува од 1968 година со изложба на Младинска работа акција во Нов Белград.
Има реализирано бројни самостојни и групни изложби. работи и икони.
Низ своето долгогодишно работни искуство како советник конзерватор за мозаици на Конзерваторскиот центар во Скопје, дал голем придонес за зачувување на македонското културно наследство.
Како експерт од областа на конзерваторско- рестравраторските проблеми на мозаичното и штафелајното сликарство, работи на изготвувањето и реализирањето на многу проекти во земјава. Со тоа се здобива со значајно искуство во решавањето на конзерваторско рестарваторските проблеми и разновидноста на материјалите во областа на сликарските техники – масло на платно, икони, масло на картон, темперна техника, акрилна техника, комбинирана техника, фрескосликарство, мозаик, објекти и скулптури.


