Прилепчанецот Матеј Чатлески со нова победа – три од три во професионалната кариера
Младиот прилепски боксер Матеј Чатлески вечерва забележа голема победа на регионалната боксерска сцена, продолжувајќи ја својата победничка серија во професионалниот бокс.
На настанот што се одржа во Бор, во организација на Balkan Boxing, Чатлески се соочи со искусниот Милош Јанјанин од Босна и Херцеговина – боксер со зад себе над сто борби.
Иако има само 19 години и ова му беше трета професионална борба, Чатлески покажа зрелост, дисциплина и тактичка подготвеност, совладувајќи го 33-годишниот противник со едногласна одлука на судиите (3:0).
Борбата се одвиваше во четири рунди и претставуваше сериозен тест за формата на младиот боксер, кој сигурно и чекор по чекор ја гради својата кариера.
Со максимален учинок од три победи во три борби, Матеј Чатлески веќе сериозно го наметнува своето име како еден од најперспективните млади боксери во регионот.



