|

Масовно труење во РЕК Битола: десетици вработени побарале лекарска помош

Осумдесетина вработени во РЕК Битола вчера побарале медицинска помош со симптоми на труење со храна, откако консумирале оброци во мензата на компанијата.

Според директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, досега во Центарот за јавно здравје се евидентирани 35 пријави. Дел од вработените се пожалиле на дијареа, повраќање и покачена телесна температура.

„Екипи беа на терен до доцна синоќа. Земени се мостри од храната, додека колегите од Центарот за јавно здравје земаа брисеви од работни површини и од вработените. Анализите се во тек и првични резултати се очекуваат утре“, изјави Андоновска.

Според информациите, на менито тој ден имало повеќе јадења, меѓу кои лазањи, макарони со мелено месо, свински бут со сос, ќофтиња, пилешка супа, пире и кисело млеко.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека по пријавата веднаш е спроведен вонреден инспекциски надзор, во координација со Центарот за јавно здравје Битола, Институтот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Од таму велат дека се земени мостри од храна, како и брисеви од работни површини и од персоналот во кујната.

Кујната на операторот што ја снабдувал РЕК Битола со храна е времено затворена, а забрането е подготвување и послужување оброци сè до завршување на истрагата и добивање на лабораториските резултати.

Дополнително, наложено е вонредно чистење и дезинфекција, како и санитарни прегледи за сите вработени.

Инспекциската постапка продолжува, а причините за труењето ќе бидат познати по завршување на анализите.Масовно труење во РЕК Битола: десетици вработени побарале лекарска помош

Слични Објави