20 Март – Светски ден на театарот за деца и млади
Секој 20 март во светот се одбележува Светски ден на театарот за деца и млади, ден посветен на важноста на театарската уметност во развојот на децата и младите. Овој датум е воспоставен од ASSITEJ International, со цел да се потсети дека пристапот до култура и уметност е право на секое дете.
Театарот за деца не е само забава, тој е простор каде што најмладите учат за емоции, пријателство, различности, вредности и го развиваат своето чувство за естетика. Преку сцената, приказните оживуваат, а фантазијата добива форма, поттикнувајќи креативност и критичко размислување уште од најрана возраст.
Во Прилеп, иако нема театар исклучиво за деца, љубовта кон детската сцена сепак постои. Таа најдобро се негува преку фестивалот за претстави за деца „Сиљан Штрко“, кој им дава можност на најмладите да бидат и публика и учесници во светот на уметноста.
Овој ден е потсетник дека вложувањето во културата за деца значи вложување во иднината. Затоа, иницијативите за развој на детски театарски содржини се повеќе од потребни – тие се темел за создавање генерации што ќе знаат да сонуваат, но и да раскажуваат свои приказни.


