Споменик на културата оставен да пропаѓа – кој ќе го спаси прилепскиот амам?
Музејот го огради просторот околу објектот и испрати извештај до институциите поради опасност од паѓање на делови од покривот и ѕидовите.
Познатиот споменик на културата и еден од симболите на старата чаршија во Прилеп – Турскиот амам, се наоѓа во критична состојба и претставува потенцијална опасност за минувачите.
По дојава од граѓани, стручни лица од Завод и Музеј Прилеп извршиле увид на објектот, при што било утврдено дека делови од конструкцијата се оштетени и постои реална опасност од нивно паѓање. Поради тоа, музејот го огради пешачкиот простор околу амамот за да се спречат можни несреќи.
За состојбата е изготвен стручен извештај кој е испратен до Управа за заштита на културното наследство, како и до сопственикот на објектот, со цел да се преземат итни мерки за заштита и санација.
Турскиот амам е прогласен за споменик на културата уште во 1955 година. По процесот на денационализација, објектот им бил вратен на поранешните сопственици, а од 2004 година има нов сопственик. Според неговите информации, постои проект за реставрација, ревитализација и реконструкција на амамот. Проектот бил поднесуван до надлежните институции во неколку наврати од 2013 година наваму, но досега нема конечна реализација.
Според податоците објавени од Завод и Музеј Прилеп, Турскиот амам е изграден во XIX век, иако постојат индиции дека делови од објектот се постари. Тој претставува редок пример на чифте амам – објект со двојна функција за машко и женско капење.
До пред околу дваесет години амамот ја задржувал својата автентична функција, но денес објектот е во многу лоша состојба. Според деталниот урбанистички план за централното градско јадро на Прилеп, предвидено е овој историски објект во иднина да се пренамени во современ галериски простор.
Додека институциите и сопственикот ја бараат конечната постапка за реставрација, граѓаните предупредуваат дека амамот, кој е дел од културното наследство на градот, не смее да се остави да пропаѓа.



