ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА ВТОРАТА ФАЗА ОД ДОГРАДБАТА НА ФАБРИКАТА ЗА ОТПАД ВО ПРИЛЕП
Денес, во просториите на Општина Прилеп, беше потпишан договорот за реализација на втората фаза од проектот за доградба на фабриката за отпад, која вклучува и набавка на нова, современа опрема. Договорот е склучен со реномираната хрватска компанија Tehnix-eko d.o.o., која има долгогодишно искуство во областа на еколошките технологии.
Инвестицијата изнесува 49.578.043 денари и претставува значаен чекор во насока на модернизација и зголемување на капацитетите за управување со отпадот во Прилеп и поширокиот регион.
Според договорот, реализацијата ќе трае 365 дена, а ќе опфати набавка и монтажа на современа опрема која ќе овозможи поефикасна, економична и еколошки прифатлива селекција и третман на отпадот.
Од Општина Прилеп истакнуваат дека со овој проект продолжуваат посветено да работат на подобрување на животната средина и унапредување на стандардот на живеење за сите граѓани.


