Ќе се разгледуваат годишните сметки, ама материјали за советниците уште нема
За 13 март е закажана седница на Советот на Општина Прилеп, но до овој момент советниците сѐ уште немаат добиено материјали за точките на дневниот ред.
Од советничката група на Левица велат дека ваквиот однос е скандалозен и понижувачки кон Советот.
На дневниот ред, како што информираат, се годишните сметки на Општина Прилеп, како и на основните и средните училишта – документи кои треба да покажат како се трошеле јавните пари во текот на изминатата година.
„Наместо овие материјали навремено да се достават за сериозна анализа, локалната власт повторно се обидува набрзина и без вистинска дебата да ги протне пред советниците“, реагира советникот Жарко Стеваноски.
Според него, ваквата практика покажува дека за градоначалникот и локалната власт Советот треба да биде само гласачка машина, а не место за контрола, анализа и јавна расправа за трошењето на народните пари.
Од Левица бараат итно доставување на сите материјали, нагласувајќи дека граѓаните имаат право да знаат како се трошел секој денар од општинскиот буџет.
„Советот нема да дозволи да биде претворен во формалност за одлуки донесени зад затворени врати“, велат од советничката група.
Седницата на Советот е закажана за 13 март, а според реакцијата на советникот Стеваноски, на само четири дена пред одржувањето сè уште нема доставено материјали за големиот број точки на дневниот ред.





