За 15 минути распродадени сите цвеќиња: Прилепчани ја поддржаа хуманитарната акција за 8 Март
По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, на платото пред Градскиот саат во Прилеп во Прилеп се одржа хуманитарна акција со продажба на цвеќиња, организирана од децата координатори при Детска амбасада за сите деца во светот.
Акцијата се реализираше под мотото „Секоја жена е херој во нечиј живот“, а собраните средства од продажбата на цвеќињата ќе бидат донирани на самохрана мајка од Прилеп. Посебност на оваа иницијатива беше што цената на цвеќињата не беше однапред одредена – секој купувач сам ја определуваше сумата што сакаше да ја донира.
Пораката за хуманост децата координатори ја пренесоа буквално со брзина на светлината. Интересот на граѓаните беше толку голем што сите цвеќиња беа распродадени за само петнаесетина минути.
Голем број прилепчани се приклучија на акцијата и со своите донации ја поддржаа иницијативата, покажувајќи дека солидарноста и желбата да се помогне сè уште се силни вредности во заедницата.
8 Март не треба да се сведува само на прослави и излегувања. Суштината на празникот е во борбата за достоинство, еднаквост и меѓусебна поддршка. Токму ваквите акции потсетуваат дека вистинскиот дух на овој ден е во солидарноста и грижата за другите. 🌸







