|

Општина Кривогаштани со благодарност до австриските партнери, од вторник нови бесплатни услуги

Во официјална посета на Општина Кривогаштани денеска престојуваа австрискиот аташе во Република Северна Македонија, Харалд Бреза-Фугер, како и претставникот на Амбасадата на Република Австрија, Матијас Хуменбургер.

Од страна на локалната самоуправа им беа врачени плакети како знак на благодарност за долгогодишната поддршка, соработка и придонес во развојот на општината. Како што информираат од Општина Кривогаштани, австриската поддршка има значајна улога во реализацијата на повеќе иницијативи и проекти од интерес на граѓаните.

Во рамки на посетата, делегацијата ја посетила и детската градинка, каде се разговарало за тековните активности, како и за идни проекти насочени кон подобрување на условите за најмладите.

Од Општината информираат и дека од вторник, 10 март, започнуваат бесплатни физиотерапевтски услуги, како и бесплатни услуги од логопед за граѓаните. Мерката е дел од активностите за унапредување на социјалната и здравствената грижа на локално ниво.

Од Општина Кривогаштани посочуваат дека остануваат посветени на продлабочување на меѓународната соработка и градење партнерства кои носат конкретни придобивки за локалната заедница.

Слични Објави